Првпат сезонава екипата на Прилеп има три победи по ред во првенството, и после триумфот на гостувањето во Скопје кај Пролет 30-27, „тутунарите“ се чекор поблиску до разигрувањето за титулата.
Му „избегаа“ прилепчани на Пролет на табелата, и имаат три бода повеќе, а Прилеп сега се изедначи со Еурофарм Пелистер 2 со бројот на бодови, имаат по 14 бода. Ова е втор триумф на Прилеп сезонава над Пролет, бидејќи во првиот дел победија, но со 35-32 во Прилеп.
Водеше Прилеп со три гола, на полувреме имаше предност од 16-14, и само еднаш во второто полувреме му дозволи на домаќинот на поведе (23-22), но до крај прилепчани го издржаа и притисокот.
Во 58 минута резултатот беше 27-27, по што следуваа два гола на Владан Кастратовиќ. Тој во последната минута зголеми на 29-27, а на 30 секунди до крај на мечот домаќинот бараше тајмаут, но веќе почна славјето за третиот трумф по ред.
Димитар Димитриоски имаше 7 гола од 8 обиди, а Томислав Квастед даде 6 гола. По пет гола дадоа Влаидмир Кастратовиќ и Денис Шабановиќ. Давор Палевски со 9 гола беше најефикасен кај Пролет, а Ласко Андоновски даде 7 гола.

























