Тимот на Прилеп влегува со големи амбиции наредната сезона и работи на играчкиот кадар, а веќе промовираше двајца странци кои не се многу познати за ракометната јавност.
Откако беа продолжени договорите со носителите на играта, Прилеп промовира двајца нови ракометари – грузискиот репрезентативец Сандро Дарсанија, кој подолго време беше повреден и Црногорецот Божидар Лековиќ.
Дарсанија доаѓа од португалскиот состав Белененсес, каде што настапуваше во последните две сезони, a потекнува од тимот на Пегаси Тбилиси. Станува збор за 20-годишен ракометар кој настапува на позицијата десен бек и кој ги има поминато сите младински селекции, а настапи и на ЕП 2024 со сениорската репрезентација на Грузија.
Лековиќ е 34-годишен лев бек, кој секоја сезона ги менува клубовите. Потекнува од Морнар Бар, а играше за Олимпијакос, Констанца, Извиѓач, Славија Сараево, Слога Добој, Трст, Металопластика, Шамот, Металац, Ал Араби, Топличанин, а во Прилеп доаѓа од азербејџанскиот Кур.
Претходно Прилеп ги продолжи договорите со Владан Кастратовиќ, Денис Шабановиќ и Томислав Квастек до 2026 година, а од клубот заминуваат Давид Трајкоски и Никола Цветаноски.