Прилеп пружи отпор, но тимот на Лазаров си замина со бодови

Екипата на Кирил Лазаров ја оправда фаворитската улога и без поголеми проблеми се врати со победа од гостувањето кај Прилеп, славејќи со 39-33 во натпревар од 16. коло од Супер машката лига.

Скопјани уште од самиот старт го наметнаа своето темпо, но Прилеп им парираше солидно во првото полувреме, не дозволувајќи им рано да се одлепат на повисока предност. На паузата гостинот водеше со 19-16.

Избраниците на Кирил Лазаров го засилија темпото во вториот дел, тој рамномерно им ја распореди минутажата на сите и предноста отиде на плус девет, па немаше дилеми кој ќе слави на оваа средба.

Сега на табелата, „сино-белите“ се израмнија со Охрид со по 26 бодови на третата позиција, а прилепчани останаа во трка по место во плеј-офот со 14 бода на осмото место.

Најефикасен кај победниците беше одличниот Мартин Серафимов со седум голови, а значаен придонес дадоа и Иван Џонов со шест и Никола Костески со пет погодоци. Кај прилепчани се истакнаа крилата Димитар Димитриоски со десет и Денис Шабановиќ со девет гола.