Прилеп останува непоразен – го среди и Вардар Неготино

Ракометарите на Прилеп во натпревар од 6. коло од плеј-аут фазата пред домашната публика славеа над еден од директните ривали за опстанок, тимот на Вардар Неготино, со 27:22.

Избраниците на Божидар Мојсов сега имаат 18 бодови на свое конто и веќе со сигурност може да се каже дека Прилеп успешно чекори кон остарување на посакуваната цел за оваа сезона – опстанок во суперлигашката конкуренција.

Прилепчани во првиот дел одиграа одлична одбрана, покривајќи ги со тоа слабите периоди во нападот, го контролираа резултатот во најголемиот дел од натпреварот и не дозовлија гостинот да има премногу шанси да дојде во позиција за гол.

По израмнетата игра во воведните десет минути, во кои се играше гол за гол, домаќинот кон средината на првиот дуел со одлична серија од 4:0 успеа да се одлепи на 7:4. Голема заслуга за овие плус три имаше младиот голман на Прилеп, Иван Ангелески, кој во првите десетина минути имаше четири интервенции.

Во периодот кога Прилеп фати залет, гостинскиот табор правеше брзоплети грешки во нападот, а тоа придонесе домаќинот да има постојана контрола од три гола разлика до 20 минута. Kако одминуваше времето растеше разликата во корист за прилепчани, кои на пет минути до крајот имаа 15:8.

Неготинци немаа сили за надигрување, ниту за преполување на негативата, бидејќи главните играчи беа целосно запрени. На другата страна, без грешка беа Шабановиќ, Кастратовиќ, Органџиев…По 30 минути игра резултатот беше 17:9 во корист за домашниот табор.

Првиот гол во вториот дел го постигна ракометарот на Вардар Неготино, Андреј Митиќ, а домаќините патот до мрежата на гостите го пронајдоа во 38 минута. Вардар Неготино успеа да се консолидира, се разбрани Мицев и во 40 минута предноста на домаќините беше 18:13, а пет минути подоцна гостинот се доближи на 20:16.

Домаќинот во последните десет минути играше климаво, но до крајот водеше со три до четри гола разлика, па така неготинци мораа да се помират со поразот. Во последниот период се разбрани и Давид Ацевски, фати неколку топки, му одбрани пенал на Кузманов во 53 минута и во тој момент можеше да започне големото славје на домашниот тим.

Најефикасен во победничката екипа беше Владан Кастратовиќ со пет погодоци, кај  гостите се истакна Лазар Адамовиќ со осум реализации.

Прилеп до крајот на сезоната треба да игра уште со Еурофарм Пелистер (гости/дома), Скопје (гости), Голден Арт (дома), Мулти Есенс (гости), Куманово (дома), Вардар Неготино (гости).

Избраниците на Котевски до крјаот од плеј-аут фазата ги очекува соочувањето со Куманово (дома), Мулти Есенс (дома), Еурофарм Пелистер 2 (гости), Скопје (дома), Голден Арт (гости), Прилеп (дома).

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП14111236
2МРК КУМАНОВО14111235
3ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 214100433
4ВАРДАР НЕГОТИНО1480624
5МУЛТИЕСЕНС1471623
6ГОЛДЕН АРТ1451819
7СКОПЈЕ 20201420126
8АЕРОДРОМ1400142