Тимот на Прилеп не успеа да освои бодови на гостувањето кај новиот суперлигаш во Автокоманда, откако избраниците на Иван Марковски славеа со 31-30 против прилепчани во интересен натпревар до самиот крај. Иако домашните можеа порано да ги потврдат првите суперлигашки бодови, сепак трепереа до самиот крај, кога Јорданов реализираше.
Гостинските ракометари отворија со водство со 5-3, 6-4, пред хрватскиот интернационалец Томислав Квастек да добие директен црвен картон поради еден старт, па домашните направија пресврт.
Поведоа со 7-6, но Цветаноски веднаш израмни и во продолжение се играше гол за гол. Двајцата голмани Ацевски и Василевски имаа свои моменти, но на пауза ниту една од екипите немаше предност, 15-15.
Како заврши првиот, така продолжи и вториот дел, но по 19-19, избраниците на Иве Марковски направија серија од три гола за 22-19. Прилепчани не се откажаа и успеаја да казнат две грешки на домашните за 23-22.
При 24-23, гостите имаа шанса за реми, но Василевски одбрани. Тоа што не успеаја во тој напад, го направија во следниот преку Рајатовски и со нерешени 25-25 се влезе во последните десетина минути.
Домашните искористија две шанси преку Омерагиќ и Јорданов за 28-26, а прилепчани промашија пенал и новиот суперлигаш стигна до плус три во следниот напад, 29-26 кога имаше да се игра уште пет минути.
Мојсов викна тајм-аут, неговите момци имаа шанса по одбраната на Ангелески да намалат на минус еден, но Василевски му одбрани шут на Имнадзе. Црвен картон доби Омерагиќ поради опасен старт, но тимот од Автокоманда имаше напад.
Не беше тој реализиран и Прилеп веднаш казни за 30-29 преку Рајатовски. Сепак домаќините погодија преку Јорданов во последните секунди за први три бода на неговиот тим во првата суперлигашка сезона.
Најдобар стрелец кај победничкиот тим беше Омерагиќ со девет гола, а Јорданов постигна седум, додека голманот Василевски имаше 13 одбрани. Кај прилепчани најефикасен беше Цветаноски со седум гола, а Рајатовски даде шест. Голманот Ацевски собра десет одбрани.