Прилеп не дозволи кикс, славеше над Куманово

Ракометарите на Прилеп во натпревар од 13. коло од суперлигашкото друштво го совладаа Куманово со 32:31 и се израдуваа на петти сезонски триумф. Прилеп сега има 12 бода на свое конто, додека Куманово остана на шест.

Иако по израмнетата игра Куманово добро тргна и дојде до 11:5, сепак, како што се доближуваше полувремето, така избраниците на Мојсов се враќаа во игра. Домаќините со серија од 5:0 најавија камбек, намалија на 11:10, а гостите влегоа во паника, двете екипи во желбата да дојдат до реализација, се повеќе грешеа, па така до крајот на првото полувреме се играше гол за гол.

Куманово речиси до финишот некако успеваше да одржи минимална предност, но домашниот тим не дозволи да има негатива на полувреме, со голот на Илиески беа поставени нерешените 14:14 на пауза.

Играта гол за гол продолжи до 40 минута од натпреварот, потоа Прилеп за момент воспостави контрола, водеше со два до максимални шест гола и можеше да направи од готово – вересија. Куманово во последниот дел бркаше негатива од 1-2 разлика, но во клучните моменти домаќините беа повеќе пофокусирани.

Домаќините во победата ги предводеше Никола Цветаноски со осум гола, а на спротивната страна прв стрелец беше Дарио Симоноски, кој воедно беше и најефикасен на натпреварот со десет гола.