Прилеп храбро парираше, но пелистерци ги однесоа бодовите

Иако Прилеп во вториот дел од сезоната ќе игра во плеј-аут фазата, сепак, на последниот натпревар од регуларниот дел од суперлигашката конкуренција даде силен отпор против актуелниот бранител на титулата Еурофарм Пелистер, кој под Марковите Кули потешко од очекуваното дојде до победа од 38:33.

Прилепчани се покажаа како незгоден ривал во второто полувреме кога успеаја да бидат повеќе од рамноправен противник, во неколку наврати изедначија, додека гостите, кои на теренот настапија со редуциран состав требаше многу да се помачат за да ги освојат посакуваните бодови.

Избраниците на Божидар Мојсов стартуваа фуриозно и со двата погодоци на Шабановиќ поведоа со 2:0. Откако беше 3:3, гостите со серија од 4:0 се одлепија на 7:3 и до крајот на полувремето беа во константна предност, највисоката изнесуваше седум гола разлика.

Еурофарм Пелистер на пауза замина со 20:15 и се чинеше дека лесно ќе ги одработи вторите 30 минути, Сепак, мотивираните домаќини за речиси пет минути игра се доближија на минус еден, 21:20. Голема заслуга за приближувањето имаше 18-годишниот Давид Трајкоски, кој во текот на целиот натпревар храбро се носеше со поискусните ракометари покажувајќи одлична игра во два правци.

Пелистерци се обидуваа да се консолидираат, додека домаќините не се предаваа и во 40 минута повторно дојдоа на минус еден, 25:24. Од тој момент, па до 55 минута се водеше голема борба на теренот. Во 48 минута, домаќинот со голот на Кастратовиќ конечно дојде до израмнување, 28:28.

Поискусниот тим некако успеваше да се одлепи на два гола разлика, но Прилеп играше трпеливо и намалуваше на гол негатива. Отпорот на домаќините беше скршен во финишот кога составот на Ангеловски со мини серија се одлепи на 35:32 и до крајот ја сочува стекнатата предност.

Најефикасен во победничката екипа беше Павле Петровиќ со десет погодоци. Кај домаќините прво име беше десното крило Денис Шабановиќ со осум погодоци, по шест запишаа Давид Трајкоски и Никола Цветаноски, пет реализации имаше Владан Кастратовиќ.

Битолчани во вториот дел од сезоната ќе ја бранат освоената титула од минатата сезона. Прилеп ќе игра во плеј-аут фазата и во битката за опстанок ќе пренесе два бода.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ГОЛДЕН АРТ1452717
2МУЛТИЕСЕНС1430119
3ВАРДАР НЕГОТИНО1420126