Тимот на Охрид го освои трофејот на деветтото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, откако во финалето беше подобар од прволигашот Еурофарм Пелистер 2 со 33-23.
Победникот беше најавен уште по првото полувреме, кога момците на Стевче Алушовски направија залиха од десет погодоци, 19-9.
Вториот дел беше само формално одработување на задачата, но и шанса од двајцата тренери за сите ракометари што беа дел од составот да добијат минутажа.
Третото место на меморијалниот турнир го освои екипата на Тиквеш, која беше без првиот стратег Драган Марковиќ, а во негово отсуство екипата ја водеше Боро Ѓорѓиев. Кавадарчани славеа против Врање со 25-24 во интересен натпревар кој во целиот тек беше израмнет, а и на паузата беше нерешено.
Во победничкиот тим со пет гола се истакна Дарио Кофилоски, а по четири погодоци имаа Мартин Манасков и Евгениј Темелкоски. Во составот на Врање, најпрецизен со седум гола беше Богдан Утвиќ, додека македонскиот интернационалец Даниел Андоновски стрелаше пет пати.
Во битката за петтото место, домаќинот Прилеп славеше против Куманово со 30-26. Овој дуел беше можност за тренерите да им дадат шанса на сите ракометари, а младиот Давид Трајкоски од составот на прилепчани беше најдобар стрелец со 11 голови. Од тимот на Куманово се истакна Бразилецот Чиао Винисиус со осум погодоци.