Прибетиќ: Не смееме во ниту еден момент да се опуштиме – Дукла знае да казни

Ракометарите на Охрид ги очекува реваншот од ЕХФ Европскиот Куп против Дукла Прага и пат во Чешка во текот на денот.

Кружниот напаѓач Џанфранко Прибетиќ вели дека работеле на исправување на грешките од првиот натпревар.

„По победата над Дукла Прага минатиот викенд, нè очекува реваншот. Некои работи беа добри, некои помалку добри и оваа недела работиме на исправување на грешките. Сигурен сум дека ќе излеземе подготвени во сабота. Патуваме со добра предност, но не смееме во ниту еден момент да се опуштиме, бидејќи Дукла е квалитетна екипа која знае да казни. Верувам во момците дека ќе го покажеме нашето вистинско лице и среќни ќе се вратиме во Охрид“, изјави Прибетиќ.

Натпреварот меѓу Дукла Прага и Охрид се игра утревечер во спортскиот центар „Репи“ во Прага од 18:00 часот.