Ракометните федерации од регионот, по покана на ХРС, одржаа заеднички состанок во Загреб, на кој беше покрената иницијатива за формирање на Женска регионална лига, дадена е поддршка за организација на регионални турнири за кадетски категории и беше најавено повторно активирање на СЕХА лигата.
Состанокот беше организиран од страна на ХРС, на него присуствуваа претставници на сите национални федерации од просторот на поранешна Југославија, меѓу кои и првиот човек на македонскиот ракомет, Александар Стефанов, а со овој состанок уште еднаш беше потврдена заедничката определба за унапредување на квалитетот и конкурентноста на ракометот во регионот.
Дадена е безрезервна поддршка за организација на повеќегодишни регионални турнири од натпреварувачки карактер за кадетски категории, во машка и женска конкуренција, со цел системски развој на младите таленти и создавање посилна база за иднината на националните селекции.
Изразена е јасна и единствена волја на сите сојузи за повторно активирање на СЕХА лигата, по решавањето на отворените прашања поврзани со главниот спонзор, препознавајќи го значењето на ова натпреварување за афирмација на клубовите и зајакнување на регионалната соработка.
Иницијативата за формирање на Женската регионална лига, како и поддршката за развој на кадетските натпреварувања и ревитализацијата на СЕХА лигата, претставуваат значаен чекор кон создавање посилен, поконкурентен и одржлив ракометен систем во регионот, со посебен фокус на женскиот ракомет и младинските категории. Деталите околу броjoт на екипите во машка и женска конкуренциja во регионалните лиги треба да бидат познати дополнително.
Единствениот глас и заедничкото делување на сојузите од регионот се предуслов за подигнување на стандардите и враќање на ракометот од овие простори во самиот европски врв, изразувајќи оптимизам дека договорените иницијативи ќе бидат успешно реализирани во наредниот период.
























