Претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа не доаѓа на финалето на СП во Ротердам!

Хасан Мустафа, претседателот на Меѓународната ракометна федерација ИХФ, нема да присуствува на финалниот викенд на Светското првенство за жени во Ротердам – нешто што досега практично беше незамисливо, бидејќи, според информациите, ова е првпат да не се појави на завршницата на мундијалот.

Како причина се наведува дека Мустафа е „презафатен“ со подготовките за Конгресот на ИХФ во Каиро, кој треба да започне за неколку дена. Во федерацијата потврдуваат дека претседателот инсистирал лично да биде присутен во Каиро, затоа што има низа организациски задачи кои мора да се затворат пред стартот на собирот.

Посебен проблем претставуваат административните процедури поврзани со пристигнувањето на делегатите – се споменува дека останале над 30 нерешени барања за визи, кои мора да бидат финализирани навреме, а токму тоа го држи Мустафа „врзан“ за Каиро.

Целата ситуација добива дополнителна тежина и поради изборниот момент: Мустафа има 81 година и се бори за нов мандат по четврт век на чело на ИХФ, а овојпат првпат по долго време има сериозна конкуренција – тројца европски кандидати најавија директен предизвик за претседателската позиција.

Отсуството од финалниот викенд во Ротердам затоа се чита и како симболичен момент во самиот финиш на една турбулентна изборна година во светскиот ракомет – додека на терен ќе се делат медали, во позадина се води битка за идниот правец на ИХФ.