Претседателката на Македонија им честита на ракометарите: Браво за витешката борба

Првата дама на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, по мечот со Португалија, испрати честитка за ракометарите.

Таа ја пофали и македонската публика во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг и потенцира дека нејзините мисли се секогаш со нашите ракометари.

„Вечерва бевме сведоци на витешка борба во којашто на теренот се разлеа препознатливата македонска вулканска енергија. Македонската публика пак, со френетичното навивање беше, е и ќе остане осмиот играч во салата. Моите мисли се секогаш со македонските ракометари! Верувам во нивната сила, зрелост и потенцијал да растат од натпревар во натпревар. На Лазаров и тимот им посакувам уште поцврста игра, поголема смиреност во клучните мигови и успех што ќе биде заслужена круна на нивната пожртвуваност!“, порача Силјановска Давкова на својот Фејсбук профил.

Македонија по ремито со Португалија, 29-29, останува во игра за главната рунда, но сега не зависиме само од себе, туку освен триумд над Романија, што поубедлив, ќе ни треба и убедлива победа на Данска над Португалија.