Преспа Вардар освои прв бод по 24 порази сезонава, Аеродром триумфално против Шампион

Тимот на Преспа Вардар по 24 порази оваа сезона, во регуларниот дел и плеј-аутот во Првата лига, но и во Купот на Македонија, од кои дел беа службени, го освои првиот бод!

Ресенчани на домашен терен одиграа реми со Астраион, 27-27, откако губеа и со пет гола во текот на мечот. Но избраниците на Иванчо Ангелковски, успеаја да направат камбек, во финишот и водеа со 25-24.

Сепак струмичани се вратија во егал и тие ја имаа предноста 27-26, но Костовски се погрижи мечот да заврши реми. Двете екипи имаа и напади за победнички погодок, но не реализираа, па се задоволија со поделба на бодовите.

Имаше и два црвени картони на овој дуел. Домашните на стартот на вториот дел останаа без Мартин Табаковски кој се пресели на трибините по еден остар старт, а по истекот на времето поради приговор црвен картон доби Ристо Гeоргиев.

Астраион сега има пет бода на петтото место, додека Преспа Вардар е последна со -1 бод.

Аеродром запиша триумф на гостувањето кај Шампион со 34-31, a тој беше обезбеден во финишот, кога по 27-27 гостите со серија од три гола поведоа со 30-27 и до крајот не ја испуштија таквата залиха.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Симоновски со осум, како и Ѓуриќ и Костадиновски со по шест погодоци, додека Сибиновски имаше осум реализации во тимот на Шампион.

На табелата Шампион е втор со 11 бодови, додека Аеродром е на четвртото место со шест бодови.