ПРЕСЕК по 11 кола: Постолов, Димитриоски, Палевски…нај стрелци, Трајкоски со најмногу одбрани

Со натпреварите од 11 коло од машката Супер лига се комплетираше првиот круг од регуларниот дел на сезоната, која има 22 кола, по што ќе се продолжи со разигрување за титулата и за опстанок. Вардар е единствен тим што заврши со максимални 11 победи и има предност од три бода во однос на второпласираниот Еурофарм Пелистер, четири од „соседите“ од Автокоманда, и пет од „гладијаторите“ од Охрид.

Предводникот на листата на стрелците е Здравко Постолов од Радовиш со 65 гола, но интересно неговиот тим е единствен без бод досега, додека на делба на втората позиција се Димитар Димитриоски (Прилеп), Давор Палевски (Пролет) и Мохамед Азиз (Еурофарм Пелистер 2) со по 63 гола, додека ТОП 5 се заокружува со Наум Костов од Струга, кој досега даде 62 гола.

Меѓу најдобрите голмани по бројот на одбрани доминира Благојче Трајкоски од Бутел Скопје со 86, додека втор е голманот на Пролет, Бојан Солев, кој запре 80 одбрани, а трет Мартин Јовановски од Еурофарм Пелистер 2 со 66 одбрани.

*статистика за голманите не е целосна, бидејќи дел од екипите немаат записничари кои работат во новиот систем на РФМ и на некои од натпреварите не се бележат голманските одбрани.

Најмногу освоени топки имаат Ориол Реј Моралес од Охрид (8), Филип Николов од Бутел Скопје (7), како и Димитар Ѓеоргиевски од Бутел Скопје (6) и Александар Василевски од Пролет (6). Најисклучувани во 11 кола – по десет пати, биле Мохамед Азиз (Еурофарм Пелистер 2), Теодор Тодески (Бутел Скопје) и Филип Костадинов (Радовиш).

Најдобри асистенти по 11 кола се тројца ракометари на Струга – Филип Мечкароски има 36, Петар Ферукоски 26, додека Бобан Савески подели 24, исто колку и Мартин Серафимов од Автокоманда. Ферукоски има најмногу изгубени топки – 21, додека по 18 топки имаат загубено Славчо Шулески (Еурофарм Пелистер 2) и Божидар Илиески (Прилеп).

*покрај голманската статистика и параметрите за асистенциите, освоените топки и загубените топки не е целосен 

Најдобри пеналџии по бројот на постигнати голови се Александар Стојков (Куманово) со 29, Наум Костов (Струга) со 26, Николас Боно (Вардар) со 23, како и Димитар Димитриоски и Денис Шабановиќ од Прилеп со 20, односно 19 успешно реализирани пенали. Според процентот на реализација најдобри се Мохамед Азиз од Еурофарм Пелистер 2 (10/11), Дамјан Митев (10/11) и Ненад Костоски од Струга (9/10).

Сезонава сменет е системот на натпреварување во Супер лигата, и сега е важен секој меч, секој бод, пред да продолжи разигрувањето за титулата. Наместо пренесување на бодови од меѓусебните дуели, или почнување со бодови и разлика од 1-2 бод меѓу најдобрите и оние што се пласирале во ТОП 6, сега се пренесуваат сите освоени бодови.