Премиерот порача: Пред големи настани репрезентациите да се подготвуваат дома!

На свечената церемонија во Националната опера и балет во организација на Министерството за спорт, беа прогласени најдобрите спортисти во 2024 година.

Свое обраќање пред присутните имаше и премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, кој меѓу другото упати порака – сите репрезентации да се подготвуваат на домашно тло пред големите натпреварувања.

„Приоритетите на нашата Влада е спортот. Заедно со министерот Ристовски ќе дадеме се од себе за да во иднина заедно со вас ја направиме Македонија повторно горда и македонските граѓани да бидат горди, затоа што нема поголем репрезент од спортистите. Секојдневно сме во комуникација со Ристовски, разговараме што треба да се направи за спортистите да тренираат и да се подготвуваат дома. Задоволен сум од тоа што досега го направивме, но она што го слушнав денеска дека нашите спортисти се подготвуваат надвор од Македонија пред големите натпреварувања, се надевам дека тоа нема да биде случај во иднина и дека ќе се подготвуваат тука дома во Македонија, бидејќи имаме прекрасни места за подготовки и потоа да ја претстават достоинствено својата татковина надвор од земјата, а ние како Влада ќе се потрудиме да овозможиме спортски арени што ќе бидат дом на сите спортисти“, изјави Мицкоски.

Тоа не е случај со ракометната репрезентација, која е на подготовки во Стара Пазова во Србија, а само кратко време ќе мине во Македонија по Нова Година и третата фаза од подготовките ќе ја одработи во Хрватска.

Убаво би било кога Македонија би одиграла некој пријателски натпревар на домашен терен, во некој друг град покрај Скопје, па така дополнително би се загреала и атмосферата пред настапот, а многу идни генерации на ракометари би имале уникатна можност да ги видат во живо Митревски, Кузмановски, Пешевски и останатите.

Македонија ќе игра три пријателски во Србија и три во Хрватска пред настапот на Мундијалот, каде во групата ќе се сретне со Холандија, Унгарија и Гвинеја.

Ракометната федерација на Македонија не доби награда за најуспешна федерација за 2024, како во минатото, но признанија имаше за Ива Младеновска (најдобра млада спортистка) и Кире Лазаров (најдобар тренер), како и за двете сениорски репрезентации.