Пред мечот со Охрид – играч на Слога доживеа тешка сообраќајка и падна во кома!

Српскиот ракометар Радомир Стојановиќ, член на Слога Добој, тешко настрада во сообраќајна несреќа која се случи пред неколку дена по натпреварот меѓу Маглај и тимот од Добој.

Тој доживеал тешки повреди на внатрешните органи и се здобил повеќекратни скршеници, поради што лекарите по итната операција морале да го воведат во индуцирана кома.

Додека Стојановиќ се бори за живот, ривалот од босанскиот шампионат на Слога, Коњух не прифати одложување на средбата пред патот на тимот од Добој за Охрид, па тој меч се одигра.

И покрај тешката состојба и емотивниот товар, ракометарите на Слога сепак излегоа на терен и славеа со 30:29, посветувајќи ја победата на својот соиграч. „Рашo, со тебе сме. Веруваме дека ќе победиш!“ – порачаа неговите соиграчи, додека целата ракометна заедница, пријателите и навивачите упатуваат поддршка и желби за негово брзо закрепнување.

Слога Добој ќе гостува во Охрид на 16 ноември во СРЦ „Билјанини Извори“ од 18:00 часот, додека реваншот ќе биде во Добој на 22 ноември од 18:00 часот.