ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Охрид со една промена, Олимпијакос со истите 16 од првиот меч

Ракометарите на Охрид денеска имаат шанса за најголем клупски успех и пласман во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп.

Ги имаат сите предуслови за тоа – триумф од пет гола на гости во Атина кај Олимпијакос, распродадена сала и голем број навивачи зад себе.

Тренерите Борис Ројевиќ и Рикардо Трилини ги објавија составите со кои двете екипи ќе истрчаат на теренот вечерва.

Во домашниот состав има само една промена во однос на првиот меч – ќе игра десното крило Ален Ќосевски, а во комбинација не е левото крило Никола Ристески. Кај гостите одново ќе го нема Иван Слишковиќ.

Со елиминација на грчкиот состав, Охрид ќе влезе во историјата на македонскиот ракомет, како четврти машки клуб кој играл полуфинале во некој од европските купови по Вардар, Еурофарм Пелистер и „сино-белите“ од Автокоманда.

Наптреварот меѓу Охрид и Олимпијакос се игра вечерва во СРЦ „Билјанини Извори“ од 18:00 часот.