Денеска во центарот на вниманието на македонската јавност ќе биде дуелот на македонскиот првак Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.
Битолчани му гостуваат на унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед, кој беше совладан со 25-24 минатата недела, а според најавите од Унгарија домашните се „наострени“ за одмазда и сигурно нема да бираат средства за да стигнат до два бода.
Тренерот Рубен Гарабаја за овој меч реши да го вметне во составот пикерот Самоил Ристевски, кој веќе играше во домашното првенство по камбекот од повредата. Тој е во составот на местото на Калед Валид, додека на местото на Нејц Цехте ќе игра Алем Хаџиќ.
Во домашниот состав ќе недостига пикерот Бенце Банхиди, а на негово место се враќа Жереми Тото, кој своевремено играше за Вардар. Недостигаат повредените Магнус Род и Јанус Дади Смарасон.
Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер се игра вечерва од 18:45 часот во „Сегед Арена“, а позитивен резултат на овој дуел на македонскиот тим може да му донесе чекор напред во битката за осминафинале.
























