Познати шеширите пред ждрепката за Светското клупско првенство

Новото издание на Светското клупско првенство во организација на ИХФ ќе се одржи во Египет од 26 септември до 2 октомври 2025 година, со учество на девет екипи.

Сите натпревари ќе се играат во салата во Каиро, каде се играше и лани.
Меѓу учесниците се актуелниот освојувач на трофејот Веспрем и европскиот првак Магдебург, кој има три последователни титули од 2021 до 2023 година. Африка ќе ја претставуваат египетските гиганти Ал Ахли, победник во Суперкупот на Африка 2025, и Замалек, кој настапува како домаќин.

Од Азија ќе игра Шарџа од Обединетите Арапски Емирати, која со триумф од 27:26 над Калеј го освои азискиот шампионат и стана прв тим од ОАЕ на ова натпреварување. Јужна и Централна Америка ќе ја претставува бразилскиот Таубате, кој во финалето беше подобар од Пињеирос со 22:20.

Од Северна Америка и Карибите повторно ќе настапи Калифорнија Иглс, а од Океанија ќе игра Сиднеј Универзитет, кој по 12. пат обезбеди учество со титулата во австралиското клупско првенство. Листата на учесници ја комплетира Барселона, која доби вајлд-карта и ќе игра осми пат по ред, а вкупно 11. пат во историјата, со пет златни и две сребрени медали зад себе.

Жрепката ќе се одржи во понеделник, 11 август, во Каиро, во рамки на Светското младинско првенство. Деветте екипи ќе бидат распоредени во три групи со по три тима, при што нема да има можност два тима од ист континент да бидат во иста група. Прво ќе се извлекуваат екипите од третиот шешир, потоа од вториот, додека Ал Ахли, како привилегиран носител, прв ќе го избере својот противник, по што ќе бидат извлечени и преостанатите од првиот шешир.

Победниците од групите и најдобрата второпласирана екипа ќе обезбедат место во полуфиналето, додека останатите пет тима ќе играат за пласман.