Охрид ги дозна точните термини за дуелите со Слога Добој од Босна и Херцеговина во рамките на третото коло од ЕХФ Европскиот Куп. Првично македонскиот клуб понуди двете средби да се играат во Охрид, но босанкиот тим тоа го одби, па ќе се играат два меча, и секој ќе биде домаќин пред својата публика.
Првиот натпревар ќе се одигра во Охрид, во спортскиот центар „Билјанини Извори“, на 16 ноември (недела) со почеток од 18:00 часот.
Реваншот е закажан шест дена подоцна, на 22 ноември (сабота), во „Арена Градишка“ во Добој, исто така со почеток од 18:00 часот.
Охрид до оваа рунда стигна по две убедливи победи над азербејџанскиот Баку, додека Слога Добој обезбеди пласман по победа и пораз со летонскиот Тенакс Добеле.
Македонскиот тим има амбиција да „презими“ во Европа и да бара шанса за што подалеку да стигне, и во меѓувреме се засили со тројца ракометари, а последниот е голманот Пилиповиќ кој дојде од Швајцарија. Барем на хартија Охрид е фаворит во овој двомеч.
Во првенството на БиХ, екипата на слога е на 6. место по 3 одиграни натпревари, а во последното коло Слога како гостин загуби од Извиѓач со 33-35.
























