Познати двојките за првиот бараж за СП 2025, Македонија во јануари ќе го дознае ривалот

Во седиштето на Европската ракометна федерација се одржа ждрепката за првиот бараж за СП 2025 што ќе се одржи во Данска, Норвешка и Хрватска.

Беа формирани четири бараж двојки, од кои победниците ќе обезбедат место во вториот бараж, каде што веќе е пласирана Македонија, а ривалот ќе го дознае на претпоследниот ден на ЕП 2024 година.

Селекцијата на Италија ќе се соочи со Белгија, Украинците добија најлесна пречка во Естонија, додека Литванија ќе игра против Финска.

Словачка допрва ќе го дознае ривалот во првиот бараж, откако Израел и Луксембург ќе го одиграат претквалификацискиот двомеч.

Првите натпревари од првиот бараж ќе се играат на 13/14 март, додека реваншите ќе бидат на 16/17 март.

Натпреварите од вториот бараж, кој е последен филтер пред СП, ќе бидат на програмата во мај 2024 година. По завршувањето на ЕП 2024 ќе биде познато дали Македонија ќе ја чека ждрепката за вториот бараж од првиот или вториот шешир.

Олеснет патот до нов Мундијал: Македонија ќе игра само еден бараж за СП 2025 година!