Тимот на Азоти Пулави, кој повеќе сезони наназад беше веднаш зад двоецот Келце и Висла Плоцк, преживува тешки моменти и се наоѓа пред банкрот. Иако од клубот најавија дека тоа нема да се случи среде сезона, сепак со секој изминат ден ситуацијата е само полоша.
По заминувањето на главниот спонзор, клубот се уште е во потрага по нови помагатели, но за да ги минимизира трошоците мораше да се откаже од најплатените ракометари.
Замина Каспер Адамски кој ќе се пресели во Сласк Вроцлав, а раскин на договорот доби и поранешниот играч на Охрид, Деан Шешиќ, кој е слободен да тргне во потрага по нов клуб.
Во Азоти Пулави настапуваат и некогашните членови на Прилеп и Охрид, односно Струга – Зураб Цинцадзе и Гиорги Дикаминџија. Азоти го има и еден од најдобрите играчи во полскиот шампионат, средниот бек Лукаш Гогола, кој постигна 110 гола на 15 меча и понуди нема да недостигаат.
Раководството на полскиот тим е децидно – ако не се најде главен спонзор до крајот на сезоната, тогаш многу веројатно клубот нема да преживее.