Познат е патот до Будимпешта – кој против кого до Ф4 во Лигата на шампионите

Групната фаза од сезоната во Лигата на шампионите официјално заврши, а четири екипи веќе обезбедија директен пласман во четвртфиналето, додека осум продолжуваат во плеј-офот.

Од групата А, сигурни патници меѓу најдобрите осум се Ѓер и Мец, додека од групата Б тоа се Брест Бретањ и ЧСМ Букурешт. Најголемата битка се водеше токму во Б групата, каде што првите четири тима ги делеа само три бода!

Романскиот гигант ЧСМ Букурешт е убедливо најдобриот тим во моментов. Со осум победи во низа, најдолга победничка серија во историјата на клубот во ЛШ – ЧСМ од петтото место се искачи до второто и обезбеди директен пласман во четвртфиналето.

Клучниот пресврт дојде по назначувањето на Бојана Поповиќ за предводничка на романскиот првак кон крајот на декември. Под нејзино водство, ЧСМ ги оствари трите најважни победи во финишот на групната фаза.

Со 20 бодови, ЧСМ заврши израмнет со ФТЦ, но го освои второто место поради подобриот меѓусебен скор. Брест ја освои групата со 22 бода, додека Оденсе падна на четвртото место по два порази во последните две кола.

Во Групата А, Ѓер уште еднаш покажа шампионски карактер. И покрај сериозните проблеми со повреди и отсуството на три кружни напаѓачи, унгарскиот тим заврши прв со 24 бода (12 победи во 14 натпревари), израмнет со Мец, но со подобар меѓусебен биланс.

Данскиот Есбјерг, и покрај многуте повреди, заврши трет по серија од осум натпревари без пораз, пред да доживее тежок пораз од Мец (26-40) во последното коло.

Норвешката ѕвезда Хени Реистад од Есбјерг ја заврши групната фаза како најдобар стрелец со 94 гола, само еден повеќе од Ана Вјахирева (Брест).

Од ЛШ се елиминирани Сторхамар и Будуќност (група А), како Крим и Сола (група Б)

Осминафиналето се игра кон крајот на март, додека четвртфиналето е во април и мај.

Лига на шампиони, осминафинале:

Подравка – Есбјерг
Борусија Дортмунд – ФТЦ
Икаст – Глорија Бистрица
Дебрецин – Оденсе

Лига на шампиони, четвртфинале:

Подравка/Есбјерг – ЧСМ Букурешт
Борусија Дортмунд/ФТЦ – Мец
Икаст/Глорија Бистрица – Брест
Дебрецин/Оденсе – Ѓер