Седма сезона по ред редакцијата на 24Ракомет го избра Идеалниот тим на сезоната, како круна на завршеното првенство во машка конкуренција. Како единствен и независен избор на најдобрите ракометари преточено во ALL STAR тимот е потврда за напорите, постигнувањата на секој ракометар што се нашол во потесниот избор, а потоа и е избран во идеалниот тим.
Во најнеизвесната сезона во првенството на Македонија за шампионот се чекаше до последното коло. Во традиционалниот избор на 24Ракомет имаше 11 различни категории, а во секоја категорија по пет кандидати од кои беше избран и ALL STAR тимот.
Сезонава преку системот на онлајн гласање забележани се 213.618 гласови, што е драстично зголемување во однос на минатата сезона. Дури тројца играчи кои и лани беа во изборот и сезонава го задржаа местото меѓу најдобрите – Марко Срдановиќ, Филип Кузмановски и Милан Лазаревски.
Во изборот учествуваа: публиката преку гласањето што го огранизиравме, македонските новинари кои следат ракомет од сите медиумски формати во земјава, заедно со редакцијата на 24Ракомет.
Меѓу новинарите гласаа Златко Крстевски (Спорт 1), Игор Паневски (Телма), Стефан Даскалов (Спортски), Марјан Ников (Спорт Плус), Виктор Христоски (Само ракомет), Тања Димитриоска (Нова Македонија), Златко Јуруковски (Спортманија), Зоран Мишевски (Гол), Југослав Костовски (МТВ), Ристе Влахов (Спортско Радио 90,3) и Стефан Крстески (Слободен Печат).
Збирот од гласањето на сите три фактори (публиката, новинари и редакцијата на 24Ракомет) ги даде победниците во секоја категорија.
Сезонава меѓу најдобрите седум ракометари по позиција има четворица од шампионот Еурофарм Пелистер, двајца се од вицепрвакот Вардар, и еден играч од тимот од Автокоманда.
Најдобриот тренер доаѓа од Битола, а кај индвидуалните награди, една оди кај шампионот Еурофарм Пелистер, една во Вардар, а една во Бутел Скопје.
ALL – STAR тим на сезоната 2024/2025
ГОЛМАН – Никола Митревски (Еурофарм Пелистер)
Македонскиот репрезентативец имаше значаен удел во освојувањето на шампионската титула, трета по ред за битолчани. Искусниот чувар на мрежата беше константен во текот на целата сезона и го донесе потребното искуство во тимот.
ЛЕВО КРИЛО – Марко Срдановиќ (Вардар)
Српскиот интернационалец ја заокружи својата втора сезона во „црвено-црниот“ дрес со трофеј во Купот, но повторно остана без титулата и се врати во татковината. Левото крило иако можеби не блескаше, сепак имаше одлични партии за Вардар.
ЛЕВ БЕК – Филип Кузмановски (Еурофарм Пелистер)
Капитенот на битолчани одново беше предводник на тимот во битката за шампионската титула и покажа храброст, одлучност и прецизност во моментите кога се решаваа значајните натпревари.
СРЕДЕН БЕК – Марко Митев (Алкалоид)
Да не се случеше повредата на средниот бек, „сино-белиот“ тим од Автокоманда веројатно ќе беше подолго време во игра за домашните титули, но до моментот додека играше, Митев покажа дека прерасна во плејмејкер што би го посакала секоја екипа.
ДЕСЕН БЕК – Усама Хосни (Еурофарм Пелистер)
Тунискиот репрезентативец направи камбек во Битола по една сезона пауза и покажа дека потегот на битолчани да го вратат во своите редови е исправен. Беше константно добар во текот на целата сезона.
ДЕСНО КРИЛО – Богдан Радивојевиќ (Еурофарм Пелистер)
Покрај Митревски и Кузмановски, српскиот интернационалец беше третиот ракометар што беше меѓу најистакнатите играчи на значајните суперлигашки натпревари и беше секогаш меѓу најдобрите стрелци.
ПИВОТ – Милан Лазаревски (Вардар)
Покрај Кузмановски и Срдановиќ, Лазаревски е третиот ракометар кој заслужено се најде во идеалниот тим на сезоната. Беше лидер на Вардар на значајните натпревари, а покрај во нападот голем товар носеше и во „црвено-црната“ одбрана.
ТРЕНЕР – Раул Алонсо (Еурофарм Пелистер)
Алонсо дојде среде сезона, го внесе тимот во плеј-офот од Супер лигата од прво место, но еден пораз од Вардар во Битола можеше да донесе неочекуван правец. Сепак Шпанецот и битолчани победија во одлучувачката средба вредна титула во Скопје, a претходно победија и во Автокоманда.
ДЕФАНЗИВЕЦ – Илија Абутовиќ (Еурофарм Пелистер)
Одбраната на Еурофарм Пелистер не може да се замисли без некогашниот ас на Вардар. Како одминуваше сезоната, така Абутовиќ ја креваше формата и имаше значајна улога во битката за титулата.
МЛАД РАКОМЕТАР – Димитар Узунчев (Бутел Скопје)
Младинскиот репрезентативец го покажа раскошниот талент и во суперлигашката конкуренција и на одличен начин ја искористи укажаната прилика од Бутел Скопје и тренерот Горан Кузманоски па беше еден од најдобрите стрелци.
ФАКТОР X – Вуко Борозан (Вардар)
Црногорскиот ас не играше на многу натпревари сезонава поради проблемите со повреди, но на оние кои беше во составот на Вардар беше „факторот X“ што му носеше бодови и победи на „црвено-црниот“ тим.
Им честитаме на победниците.