Познат домаќинот на Ф4 во Лигата на Европа – турнирот се сели во Франција!

Францускиот град Дижон ќе биде домаќин на завршниот турнир во женската Лига на Европа и ќе се одржи на 16 и 17 мај, одлучи Извршниот комитет на Европската ракометна федерација.

За престижниот трофеј ќе се борат четири силни екипи – актуелниот шампион Турингер, домаќинот Дижон, унгарскиот Естергом и данскиот Виборг, што гарантира ракометен спектакл.

Натпреварите ќе се играат во „Палатата на спортовите“, која има капацитет од околу 3000 гледачи. Ждрепката за полуфиналните двојки е закажана за 7 април со почеток од 16:00 часот.

Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, истакна дека по три години во кои Грац успешно беше домаќин на завршниот турнир, организацијата сега се сели во Франција, земја со богата ракометна традиција и висок квалитет во женскиот ракомет.

„Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме соработката со Дижон и веруваме дека екипите и навивачите ќе уживаат во одличната атмосфера и условите што ги нуди градот“, порача Видерер.