Македонскиот вицепрвак Вардар, кој сезонава игра одлично на домашна и меѓународна сцена, веќе го крои ростерот за наредната сезона во која ќе влезе со уште поголеми амбиции.
Како што пред десетина дена објави 24Ракомет, а денеска потврди српскиот „Моцарт Спорт“, ново десно крило во клубот ќе биде Вукашин Воркапиќ, кој во моментов е член на тимот на Војводина од Нови Сад. Станува збор за искусен играч кој има 28 години.
Воркапиќ потекнува од Металопластика, каде што играше до 2021 година, потоа мина две сезони во францускиот Иври, а во 2023 година се врати во татковината и ја одработува третата сезона во Војводина.
На десната крилна позиција оваа сезона во Вардар играат португалскиот репрезентативец Мигел Пинто, како и домашните ракометари Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски. На Португалецот му завршува договорот исто како и на Гоце Георгиевски..
Од лето во Вардар доаѓа и бразилскиот репрезентативец Жоао Педро Да Силва, кој исто така игра во Војводина, а со македонскиот клуб се поврзуваа Никита Вајлупов, Клемен Ферлин, но засега нема никакви сериозни контакти.
























