Португалија покажа моќ, Словенија ја доби драмата со Црна Гора, Исланд експресно ја реши Италија

Селекцијата на Португалија прослави триумф против Романија со 40-34 и покажа моќна партија пред мечот со Македонија. Исто така и Исланд немаше никакви проблеми против Италија и победи со 39-26, додека најинтересно беше на средбата меѓу Словенија и Црна Гора, кој беше решен во финишот со триумф на момците на Зорман со 41-40.

Португалците го решија прашањето на победникот уште по првото полувреме, кога беше 23-15, а се чини дека не играа со сите сили. Романците ја прифатија брзата игра на „хероите од морето“, но направија двоцифрен број технички грешки.

Во вториот дел ништо особено не се промени, во еден момент Романија намали на минус пет, но немаше ниту сили, а ниту можност да направи некаков камбек во натпреварот. Браќата Мартим и Франциско Кошта комбинираа 16 голови, а шест гола имаше Салвадор Салвдадор. Кај Романија, Станчиук со осум и Бузле со шест погодоци беа најдобри стрелци.

Исланд немаше никакви проблеми, уште по првиот дел како и Португалија го реши натпреварот со Италија. На паузата „рибарите водеа со 21-12, а вториот дел беше само формално одработување на задачата. Јанус Дади Смарасон со осум и Гисли Кристијансон дадоа осум, односно седум гола, а со исто толку кај Италија најдобар беше Лео Прантнер.

Словенија тргна со фуриозно водство со 7-4, а одбраната на Црна Гора немаше решениe за Јанц. Но по тајм-аутот на Динар, црногорската селекција почна да се враќа во егал и израмни на 10-10. На паузата можеше Црна Гора да има водство, но Вујовиќ одбрани, па казната веднаш стигна преку Новак.

Битката се разгоре во второто полувреме, во игра влезе и Борозан, а со негов проектил Црна Гора дојде до водство од плус два, 25-23. Голманите не се истакнаа на двете страни, па имаше лесни голови. По 35-35, Словенија врза два гола, а во последната минута се влезе со 40-39 и напад за момците на Зорман.

Иако нападот изгледаше безидеен, сепак на крајот Мачковшек погоди за 41-39 и голема радост на Словенците. Бранко Вујовиќ на неколку секунди до крајот само го постави конечниот резултат. По девет гола за Словенија дадоа Макуц и Новак, а осум имаше Јанц, додека кај Црна Гора, Бранко и Милош Вујовиќ постигнаа заедно 20 голови.