Репрезентацијата на Португалија ја оствари втората победа во главната фаза на Европското првенство 2024 кое се одржува во Германија, откако ја надигра Словенија со 33:30.
Португалија во претходното коло славеше против Норвешка и со денешната победа остана во игра за пласман во полуфиналето на континенталниот собир.
Како што се и очекуваше, првото полувреме помина во многу надигрувања и борба на теренот. Двете репрезентации имаа свои моменти, подеми и падови, но ниту една од нив не успеа да направи сериозна резултатска предност, па така во првите 30 минути имаше многу пресврти.
По нерешените 5:5, составот на Пауло Переира еден период имаше одлична игра, направи сеија од 4:0 и во 15 минута дојде до четири гола разлика, 9:6. Португалија до 20 минута водеше со три до четири гола разлика, но тоа не беше никаква гаранција дека може лесно да продолжи во преостанатиот дел.
Словенија се закануваше, ја подобри реализацијата, одбраната и за пет-шес тминути игра направи целосен пресврт, најпрво израмни на 13:13, потоа со голот на Мачковшек поведе со 14:13. Ракометарите на Зорман во еден момент дојдоа и до два гола разлика, 16:14, но избраниците на Переира се вратија во игра и на полувреме го презедоа водството во свои раце, 18:17.
До 40 минута во второто полувреме се играше гол за гол, потоа по слично сценарио од првиот дел, португалската репрезентација бргу се одлепи на 27:23 и овие четири гола предност беа сосема доволно за избраниците на Перира да дојдат до втората победа во групната фаза. Словенците како да беа загубени, не можеа да се вратат во игра, намалија само на 29:28 и тоа беше се што направија во последните петнаесетина минута.
Најефикасен на натпреварот беше репрезентативецот на Португалија, Мартим Коста. Кај Словенија се истакнаа Борут Мачковшек со седум и Нејцт Цехте со пет погодоци.
Португалија во третото коло оди на мегдан со актуелниот бранител на титулата, репрезентацијата на Шведска, додека Словенија првата победа во главната фаза ќе ја бара на дуелот со Холандија.