Португалците ја гледаат Македонија како клучна пречка кон главната фаза на ЕП

Португалија пристигнува на Европското првенство 2026 со високи амбиции и јасна цел – пласман во борба за медали. Репрезентацијата, која во последните години бележи постојан напредок и висок квалитет на игра, ќе биде еден од главните ривали на Македонија во групната фаза на шампионатот, кој ќе се игра од 15 јануари до 1 февруари во Данска, Шведска и Норвешка.

Португалците се дел од групата Б во која се и домаќинот Данска, како и Македонија и Романија. Капитенот на Португалија, Салвадор Салвадор вели дека пред репрезентацијата стои сериозен предизвик, но и силна мотивација.

„Имаме тешка група, играме против можеби најголемиот фаворит за освојување на натпреварувањето, Данска, која игра и дома, а потоа играме против два тима кои исто така имаат свои цели и кои знаеме дека нема да ни го олеснат животот, Романија и Македонија,“ изјави тој.

Португалскиот е свесен за нивото на конкуренција во групата и за предизвиците што ги носи Европското првенство.

„Свесни сме за нивото на тимовите во нашата група, свесни сме за нивото на игра на едно Европско првенство, и исто така сме свесни што сакаме и кои цели си ги поставивме. Верувам дека ќе биде тешка група, особено затоа што играме против најголемиот фаворит, но решени сме да се бориме и многу сме посветени на тоа да се пласираме во главната фаза.“

Португалија последните години направи значителен чекор напред, особено благодарение на растот на клупскиот ракомет и зголемениот број играчи кои настапуваат во најсилните европски лиги. Тоа придонесе тимот повеќе да не биде гледан како аутсајдер, туку како сериозен конкурент на врвот.

Македонија и Португалија ќе се сретнат на 18 јануари 2026, во натпревар кој би можел да има директно влијание врз пласманот во главната фаза. Само две репрезентации од групата продолжуваат понатаму.