Во премиерниот натпревар од главната рунда во рамките на групата 2, Португалија сервираше изненадување триумфирајќи над фаворизираната Норвешка со 32:37. Норвежаните цел натпревар не успеаа да најдат решение за одличната игра на Португалија која успеа да испорача дури 37 голови во противничката мрежа.
Норвешка-Португалија 32:37 (15:18)
Салвадор го постигна првиот гол на мечот доведувајќи ја Португалија во водство, а на спротивната страна одговори Сагосен. Двете репрезентации наметнаа динамично темпо во кое Норвежаните најчесто преку десното крило Бјорнсен ги казнуваа португалците, а на спротивната страна расположеби за игра беа Салвадор и Коста. Норвежаните полека но сигурно ја градеа својата предност, Бергеруд собра неколку одбрани а во 15.минута имаа +3, 10:7.Следуваше фуриозен одговор на Португалците кои следните десетина минути примија само три а постигнаа осум погодоци, по што комплетно го свртија текот на мечот поведувајќи со 13:15 во 25.минута. Тоа беше аларм за Норвешкиот селектор да повика тајм аут, но залудно. Португалија врза два гола преку Фраде и Портела за највисоко водство од 13:17. До крајот Норвешка намали еден гол од највисоката предност на противникот и на полувреме замина со негатива од 15:18.
Во вториот дел Норвешка се обидуваше да се врати во игра, на двапати се добижи до негатива од еден гол, но Португалците секогаш имаа одговор во нападот и го враќаа своето најголемо водство од три голови. Тешко се снаоѓаа норвежаните на подвижната португалска одбрана, грешеа премногу за репрезентација од нивен калибар, а Португалија умешно ја казнуваше секоја грешка. Блонз беше најрасположен кај Норвежаните, постигнувајќи погодоци од секоја позиција, а токму со неговиот погодок од седмерец Норвешка стигна на гол негатива, (29:30) во 50.минута. Португалија покажа карактер и желба да стигне до победа вечерва и ништо не можеше да ја спречи во тоа. Расположениот Портела со својот шести гол ја врати Португалија на највисоките 31:34, а до крајот Фернандес и Дуарте само ја докопаа Норвешка за убедлив триумф од 32:37.
Најзаслиужни за оваа голема победа на Португалија беа Педро Портела кој имаше стопроцентна реализација 8/8, a Мартим Коста постигна 7. Кај Норвежаните Блонз постигна 7, а Бјорнсен 6. Потврли Сагосен со само 2 постигнати гола.
По оваа победа Португалија ги запиша првите бодово во групата 2 во главната рунда, и го продолжува својот сон за висок пласман на ЕХФ ЕУРО 2024. Норвежаните со овој пораз ги изгубија шансите да се вмешаат во борба за медалите.