По триумфот во Скопје против Вардар, ракометарите на Порто ја комплетираа победнички неделата во португалскиот шампионат пред второто соочување со македонскиот вицепрвак.
Избраниците на Магнус Андерсон славеа триумф на гости кај Мадеира со 40-27, откако и на паузата водеа со 22-11.
Шведскиот стратег им даде шанса на сите ракометари, и освен Мигел Оливеира сите останати се запишаа во листата на стрелците.
Најдобри стрелци беа десното крило Мамаду Диоку со седум и десниот бек Јакоб Микелсен со шест погодоци.
Порто сега има 30 бодови и е на делба на првата позиција на табелата во Португалија заедно со Спортинг, а по дуелот со Вардар и пред ЕХФ неделата, Порто ќе игра токму со Спортинг во големото дерби.