Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по поразот на дербито со Вардар, го очекува натпревар од петтото коло против Пролет.
Левиот бек Павле Атанасијевиќ вели дека поразите во ЛШ и од „црвено-црните“ се веќе заборавени.
„Имавме натпревари на кои игравме ни одлично ни лошо, туку едноставно добро, а за такви натпревари добро не е опција. Тие се во минатото и одиме напред со мисла за понатаму. Пролет е одлична екипа со поранешен наш тренер на клупата и мислам дека ќе одиграме добар натпревар против нив“, вели Атанасијевиќ за 24Ракомет.
Иако Еурофарм Пелистер е голем фаворит, левиот бек Урош Борзаш смета дека треба да се даде максимумот.
„Иако сме фаворити, тоа не значи дека не треба да го дадеме максимумот како што пробуваме да го дадеме на секој натпревар. Го почитуваме тимот на Пролет и се спремавме максимално за нив. Мислам дека треба да одиграме добар натпревар за самодоверба после два порази во Лигата на шампионите и против Вардар, така да се надевам на најдобро“, вели Борзаш за 24Ракомет.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Пролет се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.