Пораз и од Словачка, следува борба за пласман од 13 до 24 место на ЕП

Женската кадетска репрезентација загуби вторпат на Европското првенство во Црна Гора, овојпат од Словачка со убедливи 34-21. Сега останува средбата со Португалија, а потоа разигрувањето за пласман од 13 до 24 место.

Голманките Илиоска и Дуновска имаа добра партија, фатија десет удари на противничките ракометарки, но реализацијата во нападот беше под 50%. Впечатокот беше поправен во однос на претходниот настап, барем во поголем дел од мечот, но со последните десетина минути тој беше расипан.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Беровиќ и Димоска со по пет гола, додека Барткова имаше седум гола во Словачка.

Во првото полувреме Македонија беше рамноправен ривал до 4-3, потоа ривалот почна да се одлепува и на пауза замина со плус шест, 14-8. Во вториот Словачка отиде и на плус девет, 12-21, но Македонија тогаш врза три гола во серија, имаше Беровиќ шанса и за минус пет.

Шансата беше пропуштена, па Новеска остана без Беровиќ, која доби црвен картон и бековската линија беше ослабена. До крајот шанса добија сите ракометарки од клупата, но сликата на теренот многу не се промени.

Македонија ја чека средбата со Португалија во групната фаза, на 2 август од 19:30 часот, а потоа од 4 август ќе го продолжи разигрувањето за пласман од 13 до 24 место.