Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше за сомнение за злоупотреба на службена положба, примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, во шема во која, според наводи од истрагата, биле вклучени полициски службеници од Скопје, една наставничка и еден пожарникар. За паричен надомест, тие на граѓани наводно им овозможувале побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола, информираа од МВР.
Според некои информации наставничката која е вмешана е поранешна ракометарка. Од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против четири лица:
М.С., полицаец во СВР Скопје, во моментот на наводното сторување на делото распореден во Одделението за управни работи Скопје, за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање поткуп“
П.П., полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, за „примање награда за противзаконито влијание“ и „примање поткуп“
В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје, за „примање награда за противзаконито влијание“
А.С., пожарникар во Град Скопје, исто така за „примање награда за противзаконито влијание“
Според МВР, пријавените во периодот од февруари до април 2024 година, по претходен договор, воспоставиле паралелен, неформален систем за забрзано издавање лични документи. Наставничката и пожарникарот наоѓале заинтересирани граѓани кои сакале побрзо да дојдат до лична карта, пасош или возачка дозвола. Од нив ги прибирале личните податоци и фотографии, кои потоа им ги проследувале на полицаецот П.П.
П.П. посредувал и, како што се сомничи, интервенирал за граѓаните да ја започнат постапката за издавање документи, при што го поттикнувал полицаецот М.С., кој службено бил задолжен за фотографирање и прием на барања, побргу да ги процесира тие случаи.
Сите дејства, како што наведува МВР, биле вршени за однапред договорен паричен надомест, со точно утврдена „цена“, време и начин на постапување, и со јасно распоредени улоги. На тој начин бил нарушен принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги, а пријавените, според сомнежите, се обиделе да стекнат противправна имотна корист.
Истрагата продолжува под надзор на надлежното обвинителство.
























