Поранешна македонска репрезентативка ново име во стручниот штаб на Грчевски

Стручниот штаб на селекторот Кристијан Грчевски ќе биде збогатен со познато име пред бараж двомечот со Полска за пласман на Мундијалот во Германија и Холандија, дознава 24Ракомет.

Нов тренер на голмани во женската сениорска репрезентација ќе биде Тања Андрејева, која по кратка пауза се враќа во националниот тим. Таа беше дел од стручниот штаб на Љубомир Савевски, но тој замина од клупата по баражот за СП 2023.

Сега по две години се проширува стручниот штаб на актуелниот селектор Кристијан Грчевски и тој ќе има и тренер на голмани. За пријателскиот двомеч со Србија беше ангажиран Србинот Бранко Цвијетиќ, а сега на неговото место доаѓа Андрејева.

Некогашната македонска репрезентативка ја заврши играчката кариера во 2014 година во Металург и таму почна тренерска кариера. По неколку години пауза од ракометот во 2017 година му се приклучи на машкиот тим Аеродром, каде се уште работи, а од новата сезона ќе биде дел и од новиот женски проект Атлетик.

Освен со сениорките, Андрејева работеше и со голманките во женските младински селекции. Сега се враќа во позната средина, а триото Мицевска, Петковска и Чурлиновска ќе има можност да работи и да учи од поранешната репрезентативка.

Дамите ќе го имаат собирот на 6 април, а првиот меч со Полска е на програмата на 9 април во Кошалин, додека реваншот е во Битола на 12 април во салата „Боро Чурлевски“.