Поранешен репрезентативец се враќа во Струга

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Александар Ангеловски, по речиси една деценија мината во Франција, повторно би можел да го облече дресот на својот матичен клуб – Струга.

Доколку двете страни се договорат, стружани би добиле искусен ракометар со богато домашно и меѓународно искуство, токму во момент кога тимот се подготвува за новата сезона во која повторно ќе се натпреварува меѓу најдобрите во Супер лигата.

Ангеловски, кој во 2014 година го напушти македонскиот ракомет за да заигра во францускиот Белфор, во својата кариера ги има носено и дресовите на МРК Вардар, Вардар, Пролет, Куманово и Зомимак Струмица. Сега, на 36-годишна возраст, реши да се врати во родниот град и е на добар пат да ги засили стружани. Ангеловски веќе се приклучи на првиот тренинг на Струга, но договор се уште не е потпишан.

Неговото искуство, стабилност и лидерство на теренот ќе бидат од големо значење за тимот кој има за цел да одигра поквалитетна сезона отколку минатата во која мораше да се „вади“ во баражот.