Поранешен хрватски селектор откри: Бев на чекор до смрт!

Легендата на хрватскиот ракомет, Горан Перковац првпат јавно проговори за драматичниот здравствен проблем што го доживеал на почетокот на годината – пукање на аневризма, опасна состојба што, како што признава, го довела „на чекор од смрт“.

Перковац, кој веќе 36 години живее во Швајцарија и важи за еден од најценетите тренери во земјата, за „Net.hr“ детално раскажа што се случило.

„Одеднаш почна да ми се замрачува. Осетив дека ќе паднам и брзо седнав. Потоа изгубив свест. Кога дојдов при себе, ја повикав ќерка ми. Брзо стигна Итната помош, ме однесоа во болница и таму останав 20 дена. За среќа, заврши добро.“

Докторите во болницата му откриле аневризма на крвен сад која пукнала, а во организмот се создал „балон“ што го попречувал протокот на крв. Лекарскиот тим веднаш интервенирал – преку препоната му поставиле мрежичка која овозможила нормална циркулација.

Перковац откри дека состојбата била наследна и дека членови на неговото семејство веќе се соочиле со слични проблеми.

„Имав удар од четврти степен од можни пет. Бев многу близу до тоа да не се вратам,“ вели тој со голема благодарност кон лекарите. „Сега сум одлично, повторно сум фит. Нема ограничувања, работам сè.“

Иако поминал низ исклучително опасна и стресна ситуација, денес Перковац повторно живее нормално и активно, посветен на ракометот и на своето семејство.