Бундеслигашот Мелсунген реагираше на сериозните проблеми со повреди и во пресрет на натпреварот против Ерланген ангажираше двајца бекови – Французинот Садоу Н’танзи и германскиот младински репрезентативец Фридрих Шмит.
Н’танзи (25) пристигнува како позајмен играч од катарскиот Ал Араби до зимската пауза. Станува збор за централен бек висок 183 см, кој претходно четири години настапуваше за Пари Сен Жермен, а играше и за Тулуз и унгарска Татабања.
За време на престојот во Париз негов тренер беше Раул Гонзалез, кој е дел од истата шпанска ракометна школа како и актуелниот тренер на Мелсунген, Роберто Гарсија Парондо – што ќе му помогне побрзо да се вклопи во системот.
Вториот новајлија, Шмит (20), е лев бек висок 207 см, кој е под договор со Лудвигсхафен, но ќе настапува за Мелсунген со двојна лиценца до 19 октомври. Тој веќе има искуство во Бундес Лигата настапувајќи за Лајпциг, а дури и постигна гол токму против Мелсунген.
Клубот беше приморан на ваков чекор откако Влад Кулеш заработи скршеница на раката, па тренерот Парондо остана со само три здрави бекови во ростерот.
Н’танзи и Шмит веќе се приклучија на тимот и се очекува да добијат минутажа уште во петок на домашниот натпревар против Ерланген.