По крајот на жестокото дерби во „Билјанини извори“ меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер, што заврши со победа на домаќините од 29-25, стигна и најубавата слика од „третото полувреме“.
Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, и десното крило на Еурофарм Пелистер, Богдан Радивојевиќ, по натпреварот имаа пријателски разговор во ходниците на салата, каде што ги надминаа недоразбирањата од завршницата на мечот. Двајцата искрено си признаа дека емоциите им „проработеле“ во моментите кога дојде до размена на зборови и краток прекин на играта, но дека сè останува на спортски жар.
24Ракомет ги „улови“ во момент кога си подаваа рака и си се извинуваа еден на друг за сè што се случи на теренот, покажувајќи дека фер-плејот и почитта се над резултатот и над сите тензии што ги носи едно вакво дерби.
























