Покрај кадетите и младинците ќе играат на „Трофеј Карпати“

Освен сениорите, кои четири пати ќе тестираат со Грција, активни на терените ќе бидат и младинските селекции на нашата репрезентација.

Како што е познато, новата генерација на кадети во периодот од 25 до 29 октомври ќе настапи на силниот турнир „Трофеј Карпати“ во романскиот град Плоешти.

На турнирот покрај Македонија ќе учествуваат уште репрезентациите на Египет, Црна Гора и домаќинот Романија.

Машката кадетска репрезентација на Македонија во јануари ќе игра квалификации за пласман на Европското кадетско првенство во Црна Гора.

Ривали на Македонија се репрезентациите на Словачка, Швајцарија и Косово. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман на кадетскиот континентален собир.

Квалификациските натпревари ќе бидат во периодот од 4 до 8 јануари, на истите домаќин ќе биде Македонија, односно спортската сала „Автокоманда“.

Освен кадетите, активни ќе бидат и младинците, кои исто така ќе учествуваат на „Трофеј Карпати“, но најпрво ќе тестираат против своите врсници од Турција.

Избраниците на Раде Стојановиќ во периодот од 3 до 5 ноември ќе одиграат  контролни натпревари со селекцијата на Турција во Анкара.

По контролните средби со Турција, младинците следниот месец ќе учествуваат на „Трофеј Карпати“ во Романија. Дополнително треба да бидат познати ривалите на споменатиот турнир, кој ќе се одржи во периодот од 14 до 18 декември.