Поглед кон списокот за СП 2025 – „Македонија од Автокоманда“, тројца „странци“, осум пикери…

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, минатата недела го објави поширокиот список за настапот на Светското првенство 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка. На списокот има 35 ракометари, нема поголеми изненадувања во однос на претходните списоци, а меѓу нив се друи 32 што настапуваат во македонското првенство и само тројца интернационалци – Филип Талески од Бенфика, Мартин Томовски од Потсдам и Мартин Карапалевски од Ваљадолид.

Има дури 15 повикани ракометари од тимот на Алкалоид, кој го предводи селекторот од клупата, а од играчкиот кадар на овој тим, во националниот тим не се само ветеранот на голот, Благојче Трајкоски, Kостадин Петров кој се уште се враќа во форма по повредата, повредениот Дамјан Митев, како и странците Бинго и Да Силва. Од актуелниот шампион Еурофарм Пелистер доаѓаат девет ракометари, додека од Вардар на списокот има петмина. По еден ракометар доаѓа од Охрид, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје.

На голманската позиција нема изненадувања и очекувано на списокот се најдоа Никола Митревски, Иван Галевски, Марко Кизиќ и Мартин Томовски. На СП 2025 сосема извесно ќе патуваат тројца голмани, а дали и овојпат како и во квалификациите за ЕП 2026, Лазаров ќе ја избере младоста пред искуството, останува да видиме.

Меѓу левите крила одамна го нема Дејан Манасков, па на списокот се најдоа Петар Атанасијевиќ, Цветан Кузманоски и искусниот Гоце Ојлески. Сигурно на поширокиот список требаше да има место за Димитар Димитриоски, кој со успех настапува во шпанскиот Ваљадолид.

Меѓу левите бекови тука се стандардните Филип Кузмановски, Иван Џонов, Павле Атанасијевиќ, но и Михајло Младеновиќ, Емилијан Ѓорговски, Филип Талески…Дали и за СП 2025, македонскиот селектор ќе се реши за оние што играат со Литванија и Естонија, ќе почекаме до средината на декември.

Кај средните бекови, Лазаров на списокот ги стави Марко Митев и Игор Ѓорѓиев, двојката на која и верува во клубот, а тука се уште Марио Танкоски и Мартин Карапалевски. Имаше место за Мартин Ивановски од прволигашот Еурофарм Пелистер 2, но немаше место на пример за младинскиот репрезентативец Мирче Калајџиески.

Трио десни бекови на списокот доаѓа од Автокоманда – Мартин Серафимов, Мартин Велковски и Давид Савревски, потоа тука се Филип Николов од Бутел Скопје и Томислав Јагуриновски од Вардар. На списокот не е Михаил Иваноски, кој со успех настапува во српската Дубочица Лесковац и има голема минутажа за разлика од некои од другите десни бекови на списокот.

Меѓу десните крила има четири повикани ракометари, меѓу кои двајца се повредени. Покрај браќа Никола и Ненад Костески, кои нејасно е дали и колку ќе бидат подготвени за настап на Мундијалот, Лазаров смета на Ален Ќосевски и Александар Петковски, кои досега немаат настап на големо натпреварување во сениорска конкуренција, иако Петковски играше на Медитерански игри. Место на поширок список можеше да се најде за младинскиот репрезентативец Ненад Белистојаноски, кој иако игра во Првата лига во дресот на Еурофарм Пелистер 2, сепак е меѓу најдобрите стрелци, или пак на пример за Евгениј Темелкоски од Тиквеш.

Доаѓаме до пивотменската позиција на која има дури осум ракометари – Жарко Пешевски од Еурофарм Пелистер, Самоил Ристевски од Еурофарм Пелистер 2, Михаил Аларов и Милан Лазаревски од Вардар, како и дури четворица од „сино-белиот“ тим од Автокоманда – Валентин Карасманакис, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ и Кристијан Симоноски. Со оглед на тоа што нашата игра не се базира многу на кружните напаѓачи, нејасно е зошто на списокот има дури осум. Ако веќе има осум, која е поентата да има четворица пивоти од еден ист клуб, ако се знае дека сите немаат полна минутажа. На поширок список би можело да има место на пример за Кристијан Анастасовски од Тиквеш, кој игра во одлична форма или за младинскиот репрезентативец Дејан Михајловиќ од Бутел Скопје…

Македонија го започнува настапот на 15 јануари против Унгарија, потоа ќе се соочи со Холандија и на крајот од групната фаза против Гвинеја. Ако обезбеди место во главната рунда, нашата селекција ќе оди на мегдан на најдобрите три од овие четири – Франција, Австрија, Катар и Кувајт. Пред стартот на СП 2025, нашите момците ќе одиграат пријателски натпревар во Вараждин против домаќинот Хрватска.