Селекцијата на Португалија со гол во последната секунда на Мартим Кошта славеше против Шведска во драматичен натпревар со 36-35, што беше лавовска битка за петтото место на ЕП.
Иако двете селекции пред стартот на натпреварот знаеја дека се пласирани на Мундијалот, па овој натпревар беше за престиж, сепак го одиграа како да се работи за медал на континенталниот собир.
На полувремето беше реми, 16-16, а сличен тек имаше и вториот дел. Двете селекции имаа свои моменти и се менуваа во водство, а во последната минута се влезе со реми, 34-34.
Франциско Кошта донесе предност за Португалија, а на шест секунди до крајот Бергендал израмни и следуваше тајм-аут за „хероите од морето“. Беше изработена одлична акција и Мартим Кошта погоди во голот на Апелгрен за триумф на Португалија во последната секунда.
Браќата Кошта дадоа 16 гола за Португалија, додека кај Шведска се истакна Сандел со осум погодоци.


























