Германија и Австрија ќе се сретнат на отворањето на Европското првенство, а Германците имаат одлична традиција со соседите – 11 победи и три реми на 14 средби.
Еден од најдобрите играчи на „панцирите“, Андреас Волф, без влакна на јазикот го нарече австрискиот стил на ракомет, во кој доминира играта 7 на 6, анти-ракомет.
„Австрија игра апсолутен анти-ракомет. Никој навистина не сака тоа да го гледа. Тоа е многу неатрактивно, дури и за нас играчите“, распали Волф.
Искусниот чувар на мрежата потоа подели и комплименти.
„Имаат фантастичен голман, Константин Местл, а со соиграчите Лукас Хутечек и Никола Билик имаат лидери кои го водат нападот. Нема да биде ракомет за уживање, но мораме да постигнеме лесни голови против нив. Австријците со својот стил привлекоа внимание и направија изненадувања. Таа опуштеност, таа самодоверба ги прави опасни. Првите натпревари секогаш носат замки. Мораме од почеток да покажеме дека сме дојдени да стигнеме далеку, и тоа уште во првиот меч“, заврши Волф.
Од групата А најпрво играат Шпанија и Србија од 18:00 часот, додека од 20:30 часот ќе се сретнат Германија и Австрија во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.


























