Почна одливот од Meталург Автокоманда – заминаа Цветановска, Николовска, Гугуљанова…

Тимот на Металург Автокоманда нема да биде рамноправен кандидат за титулата во Супер женската лига, иако се наоѓа на врвот по есенскиот дел од сезоната. Поради беспарицата во клубот од Автокоманда и откако не земаа плата најмалку четири месеци досега заминаа шест ракометарки, а нема да биде изненадување ако нивниот пат го следат уште неколку кои веќе размислуваат за нова средина.

Пикерот Сара Цветановска, левиот бек Сузана Зечевиќ, левото крило Анастасија Николовска, голманката Слободанка Кицеска, средниот бек Ива Божиноска и десното крило Марија Гугуљанова се на излезната врата од Автокоманда и среќата ќе ја побараат на друго место, дознава 24Ракомет.

Дали тоа ќе биде некој од македонските клубови или ќе заминат во странство останува да видиме во следниот период.

Металург Автокоманда е клуб формиран пред неколку години, со исто име и иста адреса како поранешниот препознатлив ЖРК Металург, со додаденото Автокоманда како нов бренд. Наместо продолжување на традицијата, клубот денес се соочува со сериозни организациски и финансиски прашања.

Ако ваквата состојба продолжи, сосема е јасно дека Металург Автокоманда нема да може да остане во трката за титулата. Ракометарките ќе ја напуштат екипата во потрага по сигурна средина, а проектот кој требаше да биде наследник на славното име Металург ризикува да се распадне среде сезона. Кога нема пари нема ни резултати.

Ракометарките „бегаат“ од Автокоманда – нема пари!