Женската репрезентација на Македонија имаше победнички старт на меѓународниот пријателски турнир во Анкара, откако славеше против домаќинот Турција со 29-26. Во меч на кои играа оние што досега помалку добиваа шанса во досегашните средби, Македонија во последните петнаесетина минути одигра на ниво и покажа дека може да победува и на гости.
Првото полувреме беше полно со грешки на двете страни и заврши реми, 12-12. Домаќинот отвори со гол, а македонските ракометарки првпат погодија преку Ризоска по шест минути игра.
Левото крило беше стрелец на пет голови по ред за Македонија, а по петнаесетина минути беше нерешено, 4-4. Петковска беше одлична на голот, фати и пенал, Македонија поведе со плус два, 6-4, но набрзина го загуби водството.
Турчинките преку Чалискан израмнија, потоа најчесто се играше гол за гол, а во финишот на полувремето домаќинот стигна до плус два, но Јанкуловска со проектил се погрижи за реми на паузата.
Во вториот дел во серија влезе Седлоска, погодуваше два пати по ред и Гугуљанова, а Македонија во повеќе наврати имаше водство од два гола, но се правеа мнгу грешки во одбрана и Турција секогаш се враќаше во игра.
Селекторот Грчевски им даде шанса на сестрите Коцеви, Миленкоска, Беровиќ…а по одбраната на Петковска и погодокот на Миленкоска, во последните десетина минути се влезе со 23-22 за Македонија.
Се надоврза и Чурлиновска со одбранет пенал, па Борјана Коцева даде гол од тешка позиција за плус два, 24-22, a по тајм-аутот на Грчевски и со двата гола на дебитантката Беровиќ, Македонија за првпат имаше три гола плус, 27-24.
Кога остануваа уште три митути до крај беше 28-25 и беше јасно дека Македонија ќе слави на овој дуел. Петковска имаше девет одбрани и еден пенал, Чурлиновска исто така фати седмерец, а меѓу стрелци најдобра беше Ризоска со 11 голови.
Пет додаде Седлоска, а Беровиќ стрелаше четири пати во противничката мрежа. За Македонија следува утре од 12:00 часот дуелот со Словенија, додека в недела е последниот меч од овој турнир од 10:00 часот против Словачка.
























