Машката репрезентација на Македонија го освои третото место во групата А на Европското првенство 2024, откако го доби дуелот со Швајцарија со два гола разлика, 29:27.
Македонската репрезентација во последниот натпревар на континенталниот собир успеа да дојде до посакуваната цел, бидејќи победата над Швајцарија беше многу важна за обезбедување на првиот шешир за баражот за СП 2025 година.
Македонија погоди во првите две акции и по стартното водство на „црвено-жолтите“, репрезентацијата на Швајцарија во 5 минута ја презеде предноста, поведе со 3:2, а минута подоцна не реализираше од контра за плус два гола. Откако Швајцарија никако не можеше да дојде до најголемата позитива во тие моменти, кружниот напаѓач Маркоски со својот прв гол го израмни резултатот на 3:3.
Според играта на теренот и одбраната која ја практикуваа двете репрезентации, јасно беше дека во првото полувреме ќе има мал број погодоци. По серијата технички грешки на двете страни, еден од од главните адути во составот на Швајцарија, Зендер, погоди за 4:3 кон средината на првиот дел, но составот на Лазаров бргу возврати за 4:4.
Стратегијата на Швајцарија со играта 7 на 6 не даваше резултат, па така Македонија со расположениот Томовски по првата половина од првото полувреме повторно дојде до резултатска предност и ја презеде иницијативата на теренот. По предноста на Швајцарија од 5:4, следуваше одлична игра на нашата репрезентација, која направи серија од 6:0 и во 20 минута се одлепи на 10:5.
Шмид и колегите со серија од 3:0 намалија на 10:8 и доближувањето на ривалот беше причина Лазаров во 25 минута да повика тајм-аут. Македонија до крајот на полувремето се консолидира, беше подобриот противник и на пауза замина со активен резултат од 13:9.
Ракометарите на Швајцарија беа под притисок и во обидот да направат камбек, се почесто правеа технички грешки на стартот на вториот дел. По пет минути игра во вториот дел, резултатот беше 17:12 во корист за македонската репрезентација, но за неколку минути игра Швајцарија ја преполови негативата намалувајќи на 17:15.
Македонија преку разновидна игра повторно дојде до плус четири во 40 минута, 20:16, но Швајцарија не се откажуваше и по осум минути игра, односно во 48 минута намали на само на гол негатива, 21:20. До крајот на натпреварот секој напад значеше многу за двете репрезентации. Искусниот Шмид беше незапирлив на теренот и со својот десетти гол конечно и донесе нерешен резултат на својата репрезентација, 23:23.
Откако Зендер промаши од пенал, десното крило Ненад Костески реализираше за 24:23, но Зендер бргу ја поправи грешката и израмни на 24:24 во 54 минута, потоа следуваше контра на Швајцарија за 25:24. На пет минути пред крајот беше 25:25 и во последните пет минути нијанси решаваа каков ќе биде исходот од неизвесниот дуел. Нашата репрезентација при нерешен резултат од 27:27 погоди од контра преку Јагуриновски, Швајцарија не успеа да го совлада Томовски, а во последните секунди реализираше Митев за конечни 29:27.
Најефикасни во Македонија со по пет погодоци беа Ненад Костески и Марко Митев, одличен меѓу стативите беше Мартин Томовски со 13 интервенции. Кај Швајцарија прво име беше легендарниот Енди Шмид со 11 реализации.