По триумфот во Радовиш: Куманово се поблиску до директен опстанок во Супер лигата

Триумфот на гости во Радовиш, 28-24 на тимот на Куманово му донесе нови два бода со кои кумановци се пред потврда на директен опстанок во Супер лигата. На шест кола до крај на првенството Куманово има 13 бода, и е на 4 место на табелата во плејаутот, има шест бода повеќе од Струга, а Радовиш останува последен без освоени бодови.

На последните четири натпревари во плејаут, Куманово трипати победи и со новите 6 бода направи голем скок на табелата. Откако во 34 минута Димитров постигна гол за водство 13-12 за Куманово, се до крај на средбата гостите имаа предност која им донесе триумф. Во 44 минута Вујичевски му донесе предност од „плус 6“ на Куманово, 22-16 и тоа беше веќе најава за гостинската победа.

Мечот во Радовиш имаше две различни полувремиња, а во првото домаќините поведоа со 3-1. Куманово израмни со 16 минута на 5-5, а потоа за момент имаше и водство, иако домаќините на пауза заминаа со предност од 12-10.

Тоше Ончев постигна 8 гола, а шест даде Омар Мамдух за Куманово. Кај домаќините Васе Петров даде 5 гола.

Во следното коло Куманово е домаќин на Пролет, а Радовиш гостува во Струга.