Македонската ракометна и спортска јавност за првпат имаше можност да ја следи новата генерација македонски ракометари (2008) на официјални натпревари на ЕМОФ 2025 и да се запознае со квалитетите на играчите предводени од Горан Кузманоски.
Многу познати презимиња меѓу нив. Тука се синовите на Раде Стојановиќ, Јулијана Дамчевска, Александар Јовиќ, Симе Симовски, Валентина Радуловиќ, Кети Николовска…Не за џабе се рекло под круша паѓа, па тие веќе ги добија своите наследници на ракометните терени. Toa што младите ракометари потекнуваат од ракометни семејства не треба да им биде притисок и товар, туку само мотив повеќе за докажување, многу работа и напредок во кариерата.
Средниот бек Милош Стојановиќ е син на поранешниот македонски репрезентативец Раде Стојановиќ, кој беше селектор на младинската селекција. Тој настапува за словенечкиот Тримо Требње и се развива во силна конкуренција.
Димитар Симовски настапува за составот на Пролет на десната бековска позиција. Тој е син на селекторот на женска младинска репрезентација Симе Симовски и само повреда го спречи да биде дел од Европскиот младински олимписки фестивал.
Капитенот на оваа генерација ракометари, голманот Ѓорѓи Николовски, е син на некогашната ракометарка на Куманово, Кети Николовска. Николовски ја гради кариерата во Автокоманда, а ќе биде еден од главните адути на Горан Кузманоски и за новите предизвици.
Тео Радуловиќ е син на легендарната македонска репрезентативка, а сега тренер Валентина Радуловиќ. Тој настапува на десната крилна позиција во младинските категории, а доби шанса и во првиот тим на Скопје во прволигашката конкуренција минатата сезона. Беше на поширокиот список на Кузманоски.
Горазд Дамчевски е лев бек, шутер, кој ветува многу во иднина. Тој е член на тимот на Пролет, каде одлично се работи со ракометарите од младинските категории. Горазд е син на Јулијана Дамчевска, поранешна селекторка на младинските селекции на Македонија, а сегашна предводничка на амбициозниот Металург Автокоманда.
Лука Јовиќ е десно крило, може да игра и на десната бековска позиција, член на Пролет, а син на легендарниот Александар Јовиќ, кој остави длабока трага во македонскиот ракомет и како играч и како тренер.
Кадетската репрезентација по настапите на ЕМОФ 2025 на кој се проба против селекции од типот на Норвешка, Португалија, Исланд, Хрватска и Шпанија, ја очекува голем предизвик во октомври, кога ќе се играат квалификациите за пласман на Европското првенство во Србија. Ривали на момците на Кузманоски ќе бидат домаќинот на квалификациите – Луксембург, како и Финска и Грција.