Уште еден европски првак пред банкрот!

Трикратниот европски шампион Вајперс Кристијансад од Норвешка се соочува со големи финансиски проблеми.

Кризата била толку голема што играчите на тимот самите започнале да се јавуваат во локалните компании и мали претпријатија во Кристијансад барајќи потенцијално спонзорство или симболична помош.

Генералниот директор на Вајперс Кристијансад, Бенедикт Лојланд, за норвешката телевизија ,,ТВ2″ истакна дека на клубот му е потребна голема финансиска поддршка, со цел да се избегне банкрот.

,,За да избегнеме банкрот, ни требаат пари. Не можам да ја кажам точната сума, но е многу висока. Ќе мора да чекаме одговори од потенцијалните спонзори. Минатата година имавме огромен пораст на транспортните трошоци. Норвешката круна не е најсилната валута во моментов, имаме многу трошоци во евра. Сите тимови кои играат во Лигата на шампионите мора да се справат со овој предизвик. Ова се тешки времиња во нашата земја, неколку наши партнери веќе банкротираа. Се наоѓаме во тешка ситуација, но бараме начини за решавање на проблемите и водиме разговори со општината”, изјави Лојланд.

Дали Вајперс Кристијансад ќе ја доживее истата судбина на некогашниот ривал на Кометал ЃП и Вардар – Ларвик, или пак ќе се обиде да се стабилизира, би требало да се знае по неколку недели.