Откако тимот на Амичитија Цирих прогласи банкрот, македонскиот интернационалец Мартин Поповски не чекаше долго за да пронајде нов клуб.
Поповски потпиша договор до 2028 година со тимот на Сур Арау, кој исто така се натпреварува во најсилната швајцарска конкуренција.
30-годишниот леворак ракометар, кој во 2019 година ја освои Лигата на шампионите со Вардар, веќе пет години е дел од швајцарското првенство, каде има над 150 настапи и над 560 постигнати голови.
„Секој што го следи швајцарскиот ракомет ги знае квалитетите и разновидноста на Поповски. Тој е професионалец и лидер за пример. Тоа ќе ѝ биде од голема корист на нашата млада екипа“, изјави спортскиот директор Роберт Костадиновиќ.
Поповски е играч кој може да покрие повеќе позиции – десно крило, десен бек и среден бек, а исто така е сигурен изведувач на седмерци. Со неговото пристигнување, Сур Арау добива дополнителна длабочина во ростерот за предизвиците кои следат.
Македонецот потекнува од штипски Текстилец, играше за Вардар и Пролет во татковината, пред да замине во Швајцарија.